Вести 18.07.2021

Агробизнисот има значителен придонес во националната економија на Унгарија

Унгарската прехранбена индустрија и нејзиниот снабдувач со суровини, земјоделскиот сектор, придонесуваат со 4,5% во унгарскиот годишен БДП, а нивното заедничко учество во вработувањето изнесува 8%. Според некои проценки, агробизнисот (земјоделството, прехранбената индустрија и заедничките активности, ланецот на снабдување, преработката и дистрибуцијата) може да изнесуваат 12-13%, па дури и 23-25% од националниот БДП.

Унгарскиот извоз на земјоделски и прехранбени производи вреден околу 9 милијарди евра годишно и неговиот трговски суфицит од 2,8 милијарди евра имаат значителен придонес во позитивниот биланс на националната економија, што ги прави едни од стратешки најважните сектори. Петте најголеми извозни пазари (Германија, Романија, Италија, Австрија и Словачка) апсорбираат половина од вкупниот извоз на храна, пазарите на ЕУ имаат вкупно учество со над 80%, останатите европски пазари претставуваат дополнителни 10-15%, а азиските пазари 4-5%.

Благодарение на инвестициите направени во последниве години, земјоделството и прехранбената индустрија имаат динамичен развој, во периодот од 2010 до 2018 година продуктивноста во земјоделието порасна за околу две третини. Инвестициите може да ја сменат и шемата на извозot на храна, во која за сега преовладуваат непроцесирани и само примарно процесирани производи (со 32 + 32 %), секундарно преработените производи изнесуваат околу 36%, а производите од втората категорија сочинуваат скоро половина од увозот. Секундарно преработените производи содржат поголема додадена вредност и можат да бидат транспортирани на поголеми растојанија, така да со ваквите производи може дополнително да се диверзифицираат извозните пазари.

Забраната за одгледување на генетски модифицирани култури, за прв пат во ЕУ, е утврдена во унгарскиот устав. Високиот квалитет, строгите барања во однос на контрола, земјоделско производство без примена на ГМО и беспрекорната експертиза се големи конкурентски предности на унгарските компании на странските пазари.

Во некои области, унгарското производство зазема водечка позиција на европско и глобално ниво. Со 500.000 тони производство на слатка пченка, Унгарија е водечки производител на слатка пченка во Европската унија и е на второ место на глобалниот пазар.

Унгарскиот извоз на мед учествува со 4% во светскиот извоз, што ја прави земјата водечки извозник на мед на пазарот на ЕУ. Во однос на секундарно преработените производи, во извозот на салами Унгарија е рангирана дванаесетта на глобално ниво, додека во однос на вредноста по тон, само Италија и Шпанија имаат по подобри резултати помеѓу најголемите извозници.