Вести 18.07.2021

Здравствената индустрија во Унгарија

Долго воспоставениот унгарски здравствен сектор, кој датира од пред повеќе од 100 години, е признат низ целиот свет. Неговата репутација беше зацементирана од претприемачи чии компании активни уште во првите децении на претходниот век, во денешно време би се нарекувале мултинационални организации. Gedeon Richter е истакнат пример меѓу нив. Тој беше еден од првите луѓе во светот кој направи успешен обид за производство на фармацевтски производи од индустриски размери. Неговиот престиж беше зацврстен со патентирани лекови познати низ цела Европа и светот, како што е дезинфекцискиот Hyperol, кој се покажа корисен во Првата светска војна и антипиретичниот лек Kalmopyrin.

Што се однесува до унгарските медицински истражувања, Albert Szent-Györgyi е носечкото име како добитник на Нобеловата награда за откривање на витаминот Ц. Понатаму, Georg von Békésy, кому му беше доделена Нобеловата награда за неговите истражувања во врска со функцијата на cochlea, исто така ги започна своите научни потфати во Унгарија.

Унгарската здравствена индустрија опфаќа многу области како што се фармацевтската индустрија, производството на медицински уреди и опрема, индустријата за хербални лекови, како и биотехнологијата, генетиката и биониката. Паралелно значаен развој е во тек во областа на здравствената информатика, вклучувајќи ги скоро сите сектори на здравството. Од 2017 година, здравствената информатика ужива поддршка од Стратегијата за развој на дигиталното здравство. Унгарија е преполна со термални и лековити извори на вода и има одлични геотермални услови. Капитализацијата на мноштвото топли извори на вода и искуствата и знаењата стекнати со векови, резултираа во развој на многу унгарски трговски продукти во областа на балнеологијата.

Меѓународните пазари секоја година покажуваат се поголем интерес за унгарските здравствени услуги. Извозот во здравствениот сектор се зголеми за 65 проценти во периодот од 2012 до 2019 година.

Во 2019 година, вредноста на извезената медицинска опрема на унгарските компании е повеќе од 1,5 милијарди евра. Една четвртина од нив беа продадени на пазари надвор од ЕУ. Оваа индустрија сочинува 9 проценти од извозот на Унгарија надвор од Унијата. Како што претходно споменавме, унгарската фармацевтска индустрија е прилично робусна: таа е 18-ти најголем извозник во светот во рамките на секторот. Унгарското фармацевтско производство претставува 6 проценти од вкупниот унгарски БДП, а 85 проценти од производите се извезуваат. Суфицитот во надворешната трговија од 27 милиони евра, сметано по вработен, ја надминува дури и индустријата за моторни возила, која исто така е во доминантна позиција. Фармацевтската индустрија е најиновативниот производствен сектор во Унгарија. Една петтина од домашните трошоци за истражување и развој се поврзани со овој сектор, кој пак 20 проценти од својот профит инвестира во активности за истражување и развој. Секоја година, унгарските фармацевтски компании заведуваат повеќе од 40 нови апликации за патенти и повеќе од 160 нови лиценци на пазарот. Покрај ова, под капата на унгарската здравствена индустрија, има значителни достигнувања во однос на промовирање на развојот. На пример, еден унгарски патент може да помогне во развој на лекови, кои предизвикуваат побрз имунолошки одговор (ImmunoGenes Kft).

И унгарскиот пазар покажува огромен потенцијал: пандемијата Ковид ги зајакна прогнозите, според кои учеството на домашните производители во продажбата на медицински уреди, може да се зголеми на 50 проценти, од актуелното учество од 18 проценти.

Здравствениот туризам добива се поголем простор во рамките на здравствената индустрија. Странците типично се интересираат за стоматолошки услуги и естетска хирургија, кои се нудат во Унгарија. Унгарија е призната и во полето на иновативни терапии за рехабилитација. Глобално признати се методата Pető и уникатно унгарскиот, ран развој и физиотерапија поврзани со името на Anna Dévény.

Пропуст би било да не се спомне дека, поради вкоренетата земјоделска традиција, Унгарија е лидер и во областа на здравствената заштита на животните. Бројни унгарски компании развиваат ветеринарни лекови, од кои значителен дел извезуваат во странство.